Изложбата „ХАРТИИ“ на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски ќе биде поставена во четврток, 12 мај, во холот на Музејот на македонската борба за самостојност.
Изложбата претставува ретроспектива на истражувањата на авторот врз различни видови хартија со различни материјали во изминативе 35 години.
Публиката ќе може да види дела од различни фази и тематски циклуси, почнувајќи од дела создадени уште во раните студентски денови (од 1983 г.), па сè до последните патувањата на уметникот низ светот. На оваа изложба ќе бидат претставени творби на хартија од римската фаза (слики, скици и цртежи создадени за време на студискиот престој на Андреевски во Рим, Италија, веднаш по завршувањето на ФЛУ во Скопје), нирнбершка фаза (слики, цртежи и скици од студискиот престој во Нирнберг, Германија), цртежи од Франција (од престојот и поддршката на азилот за диви животни “Le Refuge de l’Arche” и престоите во “Cite Internationalle des arts”), цртежи од Јапонија (сликани на традиционална рачно изработена хартија, главно од прочуената семејна работилница Iwano), слики и цртежи од Америка, Тунис, Египет...
На изложбата ќе бидат претставени и дела од циклусот „Кучињата лаат” што премиерно беше изложен во Москва во 2015 година и дела од циклусот „Цвеќулиња” што за прв пат беа изложени во Берлин во 2012. На поставката ќе се најдат и скици и цртежи од мал формат што Андреевски ги има правено буквално за време на патувањата: во авион, автобус, на брод...
Најголемиот дел од сликите, цртежите и скиците се прошетани на неколку континенти, но никогаш до сега не биле изложени пред македонската јавност.
Сергеј Андреевски (1960) е еминентен македонски ликовен уметник кој твори и изложува повеќе децении во Македонија и во светот.
Куратор на изложбата е д-р Кирил Пенушлиски и ќе биде отворена до 12 јуни.
Проектот е поддржан од Министерство за култура и НУ Музејот на македонската борба за самостојност – Скопје.