Минато на дланка
Инклузивниот водич низ музејската поставка Минато на дланка, е проект што го сработивме во 2018 и 2019 година заедно со нашите пријатели од Државното училиште за деца и млади со оштетен вид Димитар Влахов од Скопје и Сојузот на слепи лица, а поддржан од малите грантови на Балканската музејска мрежа.
Преку 13 тактилни предмети ја опишавме музејската поставка во печатен водич, аудио водич и водич на Брајово писмо, со коi нудиме нови и свежи приказни во нашиот музеј достапни за сите. Овие приказни живеат во музејската поставка преку нашите аудио водичи, на брајово писмо и во пишана форма, а во деновите на самоизолација можете да им пристапите и од вашиот дом.
Минато на дланка: „Црешово топче“

Главни делови им биле: цевка, лафет, барутно полнење и фитил. Имале дострел од 400 до 500 м, но по неколку успешни истрели распукувале. За да се спречи распукнувањето на топчето било потребно половина година да стои во масло или катран од афион, па потоа поставено на сонце и топлина за да се суши. Сето ова како постапка се правело кога имало доволно време. При борба за полнење на топчето се користеле шајки, ситни парчиња железо, баут, фитил, ѓулиња, железни топки од кантар, па дури и рачни бомби. Бомбите биле полнети со 2/3 калиумхлорат и 1/3 сулфур. Во разни работилници биле направени 17 дрвени топови, од кои 10 во крушевската оружарница и во Селце.
Минато на дланка: „Фес“
Периодот на младотурскaта револуција (1908 – 1912 г.) е завршна етапа од османлиското владеење во Македонија. Под раководство на комитетот „Единство и напредок“ на 3 јули 1908 г. во Ресен официјално започнала Младотурската револуција, под влијание на европските буржоаски револуции, посебно од француската револуција и во своето дејствување ја позајмило познатата девиза „Слобода, еднаквост, братство“. Со победата бил воспоставен уставен парламентарен систем со прогласување слобода (уриет). Уриетот бил официјално прогласен во Солун и Скопје, на 24 јули 1908 година.

Во овој историски период дел од македонските револуционери ја прифатиле можноста за соработка со Младотурците, со надеж дека во новата демократски преуредена држава ќе бидат решени најзначајните прашања, аграрното, социјалното, просветното, верското и други, со што македонското население требало да добие еднакви граѓански права со сите Османлии. Со своето учество во Младотурската револуција и со поддршка на власта на Младотурците, македонските револуционерни сили очекувале политичка автономија за Македонија. Движењето на крај прифатило само некои елементарни права на поробените народи, како што биле правото на основно образование, правото на печат, на говор и гаранција на еднаквост на „сите Османлии“ пред законот. Веќе наредната 1909 г. контрареволуцијата ја презела власта.
Во презентацијата на овој историски период содржи бројни општествени промени кои се случувале во Османлиската империја, меѓу кои и феноменот на облекување. Фесот е капа со цилиндрична форма, свиткана со ткаенина најчесто во црвена боја. Во средината има пискул, закачен од врвот, чија должина и материјал го симболизирале статусот на сопственикот. Фесот како моден симбол пристигнал од градот Фес, Мароко, по што го добил и името. Војската на Османлиската Империја во 1826 г. почнала да го носи фесот како војничка капа. Стандардниот фес со црвена боја, станал официјално обележје на градскиот костум во 30-тите години на 19 век. Но, традиционалните костими сведочат дека фес носеле и жените, најчесто украсен со разновиден накит, вез, марами и друго. Во процесот на трансформација и воведување демократски норми при формирањето на современа држава Турција, фесот бил укинат во 1924 година.
Минато на дланка: „Шлем“
Постојаната поставка на Музејот на македонската борба чува разни спомени од Првата светска војна која несомнено оставила длабоки траги во македонската историја. Во текот на Првата светска војна и македонскиот народ бил изложен на воените дејства кои се одвивае на Македонскиот фронт (познат и како Солунски фронт или Јужен) во период октомври 1915 – септември 1918 година. Фронтот се протегал од Јадранско Море, преку Охрид, планината Галичица, Преспанското Езеро, сртовите на планините Баба, Ниџе, Беласица, по до блжината на реката Места до Орфанскиот Залив во Егејското Море. Пресвртот на Првата светска војна започнал на Македонскиот фронт со Битката на Добро Поле на 15 септември 1918 година. На крајот и покрај учеството на дејците и револуционерите на ВМОРО како активна вооружена сила и мобилизираните Македонци во воените единици на балканските држави, Македонија повторно била изложена на воени разорувања и делби. Првата светска војна завршила со мировен договор кој се одржал во Версај, предградие на Париз, во 1919 г. со кој практично се верифицирал Букурешкиот мировен договор со исклучок на минимални корекции во Струмица и нејзината околина, кои од составот на Бугарија биле доделени на Кралството на СХС. Првата светска војна е позната и како рововска според воената техника на дејствување. За првпат во војувањето се употребува револуционерно оружје, како тенкови и бојни отрови, односно хемиско оружје. Авионите, иако технички не биле развиени на високо ниво, за првпат се употребуваат во воената техника. Во овој период почнува масовно производство на рачни бомби, автоматско оружје како и воведувањето на подморниците, а старите типови на оружје се развиваат и се усовршуваат. Развојот на оружјето го поттикнал и развојот на воената опрема и прибор која е поделена на опрема за заштита на оружјето и опрема за заштита на војникот ,како шлемовите.

Музејскиот предмет шлем има елипсовидна форма, изработен е од метал во темносива боја, а во внатрешноста има кожени додатоци. На горниот дел, средишно се наоѓа испупчен раб, прицврстен со четири шрафа. Средишно на шлемот се наоѓа значка со латински натпис „Ubique cou fas et gloria ducund“. Натписот (Where Right and Glory Lead) претставува одраз на обврската на напаѓачите да бидат во акција секогаш кога е потребно. На значката е претставен и топ и во најгорниот дел и приказ на круна. Шлемот е произведен во периодот на Првата светска војна, за потребите на англиската армија. Тој е со должина од 31 см.
Минато на дланка: „Македонски голос“

Балканските војни (Првата и втората) се настани од пресудно значење за Македонија и македонскиот народ. Разврската на балканските војни, нововоспоставените граници на Балканот, непризнавањето на посебноста на македонскиот народ, обидите за надминување и разрешување на македонското прашање и денес можеме да ги проследиме преку документи, меморандуми, повици или печатени весници објавувани во тој период. Со својата дејност особено се истакнува Македонската колонија во Петроград, која праќа два меморандума, еден до конференцијата на големите сили во Лондон на 1 март 1913 година и вториот до влaдите на општествената јавност на сојузените балкански држави, на 7 јуни 1913 година. Во документите интелектуалците ги одразуваат вековните стремежи на македонскиот народ за слобода и независност.
Списанието „Македонскіѝ голосъ“ (руски) или „Македонски глас“ на Петроградската колонија во Русија, претставува манифестација на националниот живот на македонскиот народ, во почетокот на 20 век. Петроградскиот македонски гласник се јавува во улога на заштитник на самобитноста на македонскиот национален развој. Весникот се издавал еднаш или два пати месечно во период од 9 јуни 1913 г. до 20 ноември 1914 г., со вкупно 11 броја. Издавач на списанието бил Д. Павле Чуповски, одговорен редактор И.П. Кулезнев, а во по-следните два броја редактор бил Д.Д. Архангелски. Списанието е со висина до 22,5 см и ширина 14,5 см.
Минато на дланка: Чамец

На чамецот можеме да гледаме и како на симбол на неизвесноста, ако на пример направиме компарација со алегоричен израз за специфичниот живот на групата гемиџии. Една од интерпретациите за терминот „гемиџии“ вели дека означува група луѓе кои се простиле од својот живот и го пуштиле својот брод (гемијата) во немирното море, во еден правец и која не се враќа. Но чамецот може да биде и асоцијација на херојски воени стратегии практикувани од „Ениџевардарското сонце“, македонскиот ајдутин и револуционер Апостол Петков Терзиев.
Чамецот што е претставен во амбиенталната поставка на музејот, Чамецот е дрвен, во светлосива боја и се состои од три основни делoви: предница со закрилици од двете страни со височина од 1 м и 20 см, а широка 70 см. Таа е повисока од задницата. Должината на чамецот е 3 м и 20 см, а широчината е 1 м и 10 см. Задницата е во полукружна форма со широчина од 1 м и 10 см и е пониска од предницата. Поставени се седишта за дрва на предната и задната половина. Странично има две весла со должина од 2 м и 50 см.
Минато на дланка: Касела
Музејот на македонската борба во амбиенталниот приказ на 19.век нуди уште еден впечатлив предмет од ентериерното уредување на типичната македонска куќа во минатото - касела. Традиционалните ковчези (касели или сандаци), без разлика дали се од селска или градска куќа, имаат повеќекратна функција. Во нив најчесто се чувала облека постелнина, пари, други скапоцености, а поретко и храна. Невестинските ковчезите сведочат за минатото, културата, но тие може да ни ја раскажат љубовната приказна, спомените и надежта на нашите предци. Во минатото девојката, вредно со години го подготвувала чеизот, невестинската руба, која претставувала единствена нејзина лична сопственост која со себе ја носи и внесува во новото семејство, во брачната заедница во која зачекорува. По своите карактеристики ковчезите се делат на три типа: селски невестински ковчези, најчесто изработени од буково дрво, во форма на квадар подигнати на четири ногалки, со едноставен рамен капак; втор тип градски невестински ковчези изработени од комбинација на дрво, текстил, кожа и метал во форма на квадар, без ногалки; и третиот тип, патни ковчези изработени од дрво, врз кои е нанесен еден слој боја, и каде што има метални апликации.

Дрвена касела, која потекнува од крајот на 19 век, а се употребувала за чување облека и во почетокот на 20 век. На неа преовладуваат зелената, црвената и жолтата боја. Предната страна е украсена со цветни мотив исцртани со боја, а капакот и двете потесни страни се украсени со геометриски мотиви од полукружни брановидни линии. На предниот дел на каселата најчесто може да се сретнат натписи, како иницијали, имиња на сопствениците или, пак, година на стапување во брак. На овој примерок е испишана 1888 година во црвена боја. Во горниот дел се затвора со рамен капак на кој има метален дел за затворање. Каселата е со правоаголна форма долга 92 см, широка 39 см.
Минато на дланка: Бутин и матало
Во амбиенталната презентација на периодот од крајот на 19. век, покрај најзначајаните ликови и настани, во Музејот македонската борба публиката може да види и автентични предмети од покуќнината на традиционалното македонско домаќинство карактеристични за овој временски период.
Садовите од дрво ја сочинуваат речиси целата покуќнина во традиционалните домаќинства, пред сѐ во селските средини. Најчесто за изработка на садовите се употребувало буково, дабово, ореово, липово, крушково, црешово, тополово, борово и чамово дрво. Најголем број од садовите кои некогаш се употребувале биле изработувани со техника на длабење (копање) и делкање. За некои садови била користена и техника на свиткување, при што дрвото се вари или се става на пареа, па се свиткува. Позната е и качерска-бовчарската изработка при која многубројни штички се редат во круг поврзани едни до други. Според функцијата, традиционалните садови од дрво може да се поделат во две основни групи: садови за домашна употреба и садови за разни земјоделски активности. Во групата на садови за домашна употреба има повеќе подгрупи, но денес ставаме акцент на садови за млеко и млечни производи.

Предметот бутин е дрвен и има кафеава боја. Во бутините се матело - биело млеко за да се добие матеница, биеница и маст (путер). Се среќаваат под различни имиња, како: бутин, битињ, буитк, бутина, бучка. Бутинот е симбол на овчарите, се користел во обичаите за ѓурѓовденските празници, за да се заштитат овците и млекото и да се обезбеди поголема плодност и млечност. Во различни делови на Македонија различно се празнувал Ѓурѓовден. На пример, во Делчевско на првиот ден од Ѓурѓовден, бутинот за првпат го изнесувале од куќата, се закитувал со различни билки (зеленило) и во него го мателе „првото“ млеко.
Бутинот е со конусен облик, направен е од долги штици наредени во круг истегнати со метални обрачи. Во горниот дел една штичка е со подолга должина, која служи како рачка. Составен дел на бутинот е „маталото“, кое претставува долг стап на чиј долен дел е вметната дрвена плочка на која има неколку дупки. Со маталото се прават вертикални движења и на тој начин се издвојуваат масните состојки. Бутинот е висок 88 цм, има обем од 62 см и рачка со должина од 12 см.Минато на дланка: За македонцките работи
Борбата за слобода била тесно поврзана со борбата за црковна и просветна еманципација на македонското население во Османлиската Империја. Кон крајот на 19 век главниот збор го имаат македонските преродбеници, учебникари и борци за обновување на укинатата Охридска архиепископија (1767 г.) Нивниот придонес во сеопштата борба за македонска слобода е исклучителен поради градење на темелите на главните обележја на една нација – јазик, традиција, просвета и култура.
Книгата „За македонцките работи“, чиј автор е Крсте Петков Мисирков, е од непроценливо значење како дело со кое се поставени темелите на македонскиот литературен јазик. Во неа авторот отворено и јасно ги искажува своите погледи за македонското прашање, националната свест, а пред сѐ македонскиот јазик, правопис и азбука. Мисирков посочува дека создавањето посебен македонски литературен јазик претставува најрешителен израз на стремежот на македонскиот народ во постигнувањето на својата слобода. Потенцира дека централните говори од областа Велес – Прилеп - Битола - Охрид треба да бидат основа при формирањето на македонскиот јазик. Токму оваа препорака 42 години подоцна е директно употребена при кодифицирањето на современиот македонски јазик. Книгата е издадена на крајот во 1903 година, во печатницата на „Либералниот клуб“ во Софија. Димензии на книгата: висина 20 см, ширина 14,5 см, има 135 страници, чија содржина е поделена на предговор и пет поглавја (статии).
Минато на дланка: Пиштол на кремен, тип кубура

Материјалот од кој е изработена кубурата е метал, дрво во кафеава боја и месинг со жолта боја. Во предниот горен дел има метална цевка, која е мазна и украсена со цветни и геометриски мотиви. На овој примерок цевката е кратка, вообичаено таа е подолга. Всадникот е дрвен и во долниот дел ја обвива цевката. Во предниот дел на всадникот има оков од украсен месинг. Под него има дрвена арбија, која е прицврстена со два метални окови. Арбијата се користела за чистење и одржување на цевката. Механизмот е со надворешен табан и на горниот дел се забележуваат два подвижни дела помеѓу кои се поставува кременот за пукање.
Под механизмот е чкрапалото, кое е изработено од месинг и е украсено. Во задниот дел дршката завршува во полусвиткана форма, која на крајот има истакнат јаболчест дел. Јаболчестиот дел е карактеристика на пиштолите на кремен, кубури од западен тип. Во Дебар, Скопје и Тетово најчесто се произведувале кубури кои ги сретнуваме под назив целина, дебарка, жутелија или шилка. Дршката во крајниот дел најчесто завршува со истакнат шилест врв. Целосната должина на кубурата е 43 см, а според карактеристиките таа е со западно потекло.
Оружјето и неговата уметничка изработка

На нашите простори почнувајќи од фреските создавани од крајот на 13 и во текот на 14 и 15 век, работени во најдобрите традиции на византиската ликовна уметност, покрај високите ликовни и естетски вредности, можеби најавтентично го документираат и вооружувањето и воената опрема од тој период. Сепак, подоцнежниот период укажува на врвни дострели во оваа дејност.
Уметничката обработка на металот во контекст на неговата употреба за изработка на различни видови оружје, особено се развива во подоцнежниот период, поточно од 17 век кога се забележува сложена сублимација на западни и источни стилови и влијанија, но и примена на веќе затекнатите орнаменти во изработка на оружјето.
Примената на определени техники и орнаменти, претставуваат препознатлив симбол на македонските оружарски работилници особено од западниот дел на земјата.

Вкусот на Западот и Истокот, во сите епохи, претпочита богато украсени површини кај сите предмети, а особено кај оружјето, кое не претставува само средство за борба, туку е показател и на гордоста, доказ за јунаштвото во борбите, но и соодветен украс во мирно време.
Покрај исклучително богато украсените, златни и сребрени примероци, се издвојуваат и сјајните месингани предмети, кои го истакнувале богатството и угледот на сопственикот. Имајќи го во предвид големото значење на декоративноста, особено во ориенталниот свет, паралелно со оружарскиот занает, неодминливо и значајно е местото и улогата на кувенџиите кои работат на неговото украсување. Така и во македонските оружарски работилници за производство на студеното, но и на огненото оружје, работеле и туфекџии и кујунџии кои раскошно го украсувале оружјето и вложувале голем труд околу нивната изработка.
Токму богатото и раскошно украсување на оружарските производи, со месингани орнаменти, ги направило оружарските производи од Македонија исклучително популарни и препознатливи во пошироки рамки.
Примената на одредени техники и орнаменти кои ги среќаваме кај оружарските производи, може да се забележат преку примероците на кубури и пушки на кремен од нашата музејска збирка. Кај нив може да се забележи дека со примена на бројни суптилни техники и нивна комбинација се украсувале речиси сите делови на оружјето. Тука среќаваме декоративни елементи изработени во техника на гранулација, инкрустрација, гравирање, тауширање, исчукување, филигран, лемење на плочки и вметнување на разни видови камења, употреба на легура на сребро, легура на бакар и месинг.
Минато на дланка: Традиционален мебел
Традиционалниот мебел е видлив сведок на богатата културна традиција на македонскиот народ низ минатото. Во етнологијата е потврдено дека внатрешното уредување на градската куќа се формирало според традиционалниот живот, но врз него имале влијание ориенталната и европската култура. Во второто одделение на музејот е претставен градски мебел, маса со шест стола рачно изработени од дрво во плитка резба. Овие примероци се јасен пример за знаењето и умешноста на мајсторите од средината на 20 век.

Масата и столчето имаат шестоаголна форма и темнокафеава боја. Подигнати се на шест ногалки и имаат две нивоа и исти карактеристики. Седиштето има шестоаголна форма, украсено е со богати орнаменти од растителни и геометриски мотиви. Централниот дел од седиштето е украсено со шестолисна розета, а околу неа има шестокрака ѕвезда. Помеѓу краците на ѕвездата од надворешната страна се формирани шест ромбови. Декорацијата на седиштето завршува со појас украсен со брановидни линии. На шест места помеѓу секои две ногалки има декорација со два цвета. Долното ниво на столчето ги има истите карактеристики. Орнаментите се формирани со плитка резба. Столчето на горното ниво е широко 58 см, високо 70 см. Широчината на долното ниво е 50 см, а висината висина е 35 см. Масата на горно ниво е широка 58 см, висока 70 см. Широчината на долното ниво е 50 см, а висината 35 см.