Промоција на книгата Историја на чешката култура

Денес во просториите на НУ Музеј на македонската борба свечено беше промовирана книгата Историја на чешката култура.

Изданието е заеднички труд на автори од три држави - Владимир Пенчев од Бугарија, Јан Рихлик од Чешка и Новица Велјановски од Македонија, и е своевидно продолжение од книгата Историјата на Чешка од истите автори од 2014г. Пред присутните гости најпрво се обрато македонскиот автор Новица Велјановски, а потоа збор зеде и амбасадорот на Република Чешка Н.Е. Мирослав Томан. Тој истакна дека е почестен што присуствува на промоцијата на ова издание, особено и поради фактот што денес е национален празник на Чешка. Имено, на 17 ноември 1939 година во германските нацисти влегле на чешките универзитети и убиле девет студентски лидери, а заробиле и испратиле во концентрациони логори повеќе од 1.200 студенти. Во чест на овие настани 17 ноември е прогласен за Меѓународен ден на студентите. На истиот ден во 1989 година, со студентски немири во Чешка започнала таканаречената „кадифена револуција“ со која се отфрли дотогашниот тоталитарен систем.

 

Промотор на книгата беше д-р Марко Китевски кој ги претстави најважните аспекти на ова издание, кое ја опфаќа културата на Чешка од почетоците до денес, а свое обраќање имаа и тројцата автори.