Реакција

По повод искажаните невистини за работењето на НУ Музеј на македонската борба на емисијата „Топ-тема“ на телевизијата Телма на 9.11.2017 г. од страна на новинарката-водителка Оливера Трајковска и министерот за култура Роберт Алаѓозовски ја информираме јавноста за следното:

НУ Музеј на македонската борба – Скопје е скратеното име на институцијата НУ Музеј на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим согласно највисокиот акт на установата односно Статут.

Во музејската поставка се презентирани историските и револуционерни традиции на македонскиот народ од периодот на 19. и 20. век во борбата за државност и самостојност. Посетата е организирана со високо-квалификувани стручни лица чија задача е да го доближат овој период од современата македонска историја до сите категории посетители. Од првиот ден на работењето, музејот гради внимателен пристап до публиката и креира соодветен наратив на презентација прилагоден до различни целни групи во зависност од нивните потреби – деца од предучилишна возраст, ученици, средношколци, студенти, ранливи групи, лица со посебни потреби, странски туристи итн.

Оттука, искажаните паушални тези дека „посетата на таканаречениот Музеј на македонската борба е хорор-шоу кое се одвива на забрзана лента“ и дека деца биле изложени на застрашувачки описи од страна на кустосот при посетата на музејот ги отфрламе како невистинити и тенденциозни.

Што, всушност, претставува Музејот на македонската борба и неговата поставка се изјасни бордот и жирито на Европската музејска академија кој во 2013 година на музејот му додели посебно признание за ентузијазмот и напорите во зачувувањето на националните културни вредности како охрабрувачки знак на виталност во европски рамки.