Реакција од НУ Музеј на македонската борба

По повод искажаните невистини за работењето и концепцијата на НУ Музеј на македонската борба на емисијата „24 Анализа - Kаква судбина ќе има проектот „Скопје 2014?“ на телевизијата 24 Вести на 2.11.2017 г. од страна на водителот-новинар Сеад Ризвановиќ.

Имено, новинарот изјави дека во музејот не можат да влегуваат посетители поединци, односно сами, туку само во однапред најавена група, и дека сè што ја претставува дејноста на ВМРО односно борбата во Илинденскиот период е прикажано во позитивна конотација, додека периодот од Втората светска војна односно НОБ, е претставен негативно, ја информираме јавноста за следното:

Прво, целокупната концепција на Музејот е направена врз основа на 70 годишните научни сознанија на македонската историска наука. На неа работеа истакнати и докажани специјалисти од областа на историјата, музеологијата, архитектурата и сценографијата.

Второ, нашата установа уште од првиот ден од своето работење е отворена за посетители и во нејзината поставка можат да влезат како поединци така и групи до 25 луѓе наеднаш. Поединец или група влегуваат на секои 15 минути, за да се овозможат услови за непречено разгледување на поставката. Најавувањето на  поголеми групи, на пример, од 50 до 250 луѓе е препорачливо во интерес на посетителите за да не се доведат во ситуација да чекаат повеќе од 15 минути. Таквиот систем на движење е условен од концепцијата на просторот и е воспоставен исклучиво во интерес на посетителот.

Трето, НУ Музеј на македонската борба е меѓу првите во регионот кој ги прикажа и левите и десните политички струења, внатрешниот и надворешниот фактор, победите и поразите, хероите и антихероите, концепциите за независност и концепциите за приклучување на Македонија кон некоја од соседните држави, а меѓу 153 восочни фигури на личности кои играле одредена улога во судбината на Македонија се најдоа претставници на сите националности кои делувале на тие простори, како и крупни политички фигури од регионот и светот. Како најсветла точка во музејската поставка се прикажува одделението за АСНОМ. За таквата концепција Музејот на македонската борба се стекна со врвни признанија од европската музеолошка фела.