Доделени наградите на ЕМА во Музејот на македонската борба

На свечена церемонија во Музејот на македонската борба на 30 септември (сабота) беа доделени овогодинешните награди на Европската музејска академија (ЕМА).

Домаќин на годишната конференција и церемонијата на доделување награди годинава беше Скопје и НУ Музеј на македонската борба. Во трка за наградите беа 35 музејски институции од дваесеттина земји од Европа. Наградата Микелети за најдобар музеј во Европа ја освои ГПО Историскиот центар од Даблин, Ирска (GPO WITNESS HISTORY VISITOR CENTRE), посочен како исклучителен пример на музеј кој отвора емотивни историски прашања преку нивна трансформација во пораки за помирување. Посебно признание доби музејот Алпинариум од Галтур, Австрија, а наградата ДАСА која се доделува за особени достигнувања во едукацијата во музеите заврши кај Музејот за дизајн од Копенхаген. Музејот е посочен како современа динамична институција отворена за посетители од сите возрасти и посветена на доживотното учење.

Годишната конференција на Европската музејска академија се одржа од 28 до 30 септември во Скопје во присуство на 120 музеолози од 28 земји од Европа, меѓу кои и Македонија. Освен презентациите на кандидатите за награди, на конференцијата се разменија и идеи и мислења за врската на музеите и туризмот и нивниот придонес во локалната економија.

На првиот неформален ден од конференцијата, 28 септември, беше организиран прием за добредојде на учесниците, на кој од името на домаќинот се обрати директорот на Музејот на македонската борба, д-р Бранислав Светозаревиќ. Во своето обраќање, тој се осврна на најважните моменти од досегашната работа на музејот и достигнувањата на институцијата, а на сите присутни им посака и успех во презентирањето на музеите и многу среќа во трката за наградите на ЕМА. Дел од приемот, беше и настапот на долгогодишните соработници на Музејот на македонската борба - ансамблот Македонија, кој во презентацијата на изворните македонски песни ги вклучи и заштитените ора од УНЕСКО како нематеријално наследство.

Во рамки на конференцијата, на 29 септември свечено беа доделени наградите Heritage in Motion за иновативни проекти во културното наследство. На церемонијата во МНТ беа доделени награди во три категории, а наградата за најдобро достигнување ја добија Историските кралски палати од Лондон. Во останатите категории добитници беа - во категоријата мобилни апликации победник е Athens Time Walk на Diadrasis Ladas, во категоријата веб-страници и онлајн содржини награден беше проектот Stockholmskällan на градот Стокхолм, додека во категоријата филм и видео наградени беа EXHIBITION ON SCREEN на Seventh Art Productions од Англија. Останатите проекти може да се видат на www.heritageinmotion.eu. Музички гости на свечената церемонија беа битолчаните Фолтин.

Конференцијата се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Европската музејска академија (ЕМА) е непрофитна фондација со седиште во Холандија, чија цел е да ја промовира концепцијата и развојот на новите, но и традиционалните музеи како средство за општествени промени. Наградата Микелети за најдобар музеј во Европа се доделува како илустрација на најдобрите музејски практитки во соработка со фондацијата Микелети. Во оваа организација се претставени 38 земји, меѓу кои и Македонија.

www.europeanmuseumacademy.eu

Фондацијата Луиџи Микелети (основана во Брешиа во 1981 година) е истражувачки центар специјализиран за историјата на 20 век. Предмет на интерес на овој центар се идеологиите на 20. век, војните, техничкиот напредок, индустријализацијата и трудот.

www.fondazionemicheletti.eu

Изложбениот центар ДАСА од Дортмунд е едукациска установа на германскиот Федерален институт за безбедност и здравје при работа и ја информира публиката за светот на работата, статусот на индивидуалецот и општеството и важноста работата да се прилагоди на потребите на човекот. Врската меѓу луѓето, работата и технологијата е претставена на 13.000 квадратни метри и 12 изложбени единици. ДАСА се фокусира на луѓето и нивните физички, интелектуални, општествени и културни потреби.

www.dasa-dortmund.de

меѓу кои и оние кои веѓе се заштитени од УНЕСКО како нематеријално културно наследство