Годишна конференција на Европската музејска академија во НУ Музеј на македонската борба

Од 28 до 30 септември 2017, во НУ Музеј на македонската борба ќе биде одржана годишната конференција на Европската музејска академија (ЕМА), експертска музеолошка организација со седиште во Холандија.

На тридневниот собир стотина музеолози од 28 земји од Европа ќе разменуваат идеи и искуства за современите музеолошки трендови. Темата на годинашната конференција е Музеите, туризмот и одржливоста, која треба да одговори на прашањата за улогата на музеите како активни придонесувачи во развојот на туризмот и локалната економија.

Во рамки на конференцијата се доделуваат и наградите на ЕМА, кои на свечена церемонија во НУ Музеј на македонската борба ќе се доделат на 30 септември (сабота), кога ќе ги дознаеме годинашните лауереати за најдобар музеј во Европа. Во трката за престижните награди се триесетина музејски институции од Европа.

На 29 септември (петок) во МНТ ќе се доделат и наградите Heritage in Motion од страна на истоимената организација од Холандија за посебни достигнувања во создавањето мултимедијални проекти и производи на иновативен и креативен начин, а кои го свртуваат вниманието на јавноста за значењето на недвижното и движното наследство во Европа.

Годишната конференција на Европската музејска академија е реализирана со поддршка на Министерството за култура на РМ.