Изложба и промоција на книга во Белград на Деновите на македонската култура

Во рамки на традиционалната манифестација Денови на македонската култура во Белград, под наслов „Допирот на Македонија“ и одбележувањето на празникот 24 Мај, Св. Кирил и Методиј, НУ Музеј на македонската борба се претстави со филателистичка изложба Светите браќа Кирил и Методиј – сесловенски просветители.

На 22 мај, во Библиотеката на град Белград, изложбата ја отвори амбасадорот на Република Македонија во Република Србија, Вера Јовановска-Типко. Изложбата предизвика голем интерес кај нашите сонародници од Белград, амбасадори на повеќе држави, како и претставници од Министерството за култура на Република Србија. На отворањето на изложбата пригоден збор имаше Зоран Стрезовски.

На 23 мај, во Библиотеката на град Белград, се одржа и промоција на книгата Македонците во Тетово - од ала турка до ала франга, научното дело на годината, на д-р Бранислав Светозаревиќ. Книгата ја промовираше проф. д-р Виолета Ачкоска.

Во рамки на настаните беа одржани и презентации за Музејот на македонската борба, неговиот концепт, работа и најважните достигнувања.