„Трка низ времето“ нов квиз по историја на Музејот на македонската борба

Во чест на 24 мај, денот на словенските просветители, Кирил и Методиј, како завршен настан на активностите од проектот „Музејот пријател на децата“, на 23 мај (вторник), НУ Музеј на македонската борба организираше квиз по историја за учениците од основните училишта.

Во првото издание на квизот под наслов „Трка низ времето“, учествуваа ученици од осмо одделение од основните училишта од Скопје - „Лазо Трповски“, „Јан Амос Коменски“, „Коле Неделковски“ и „Вера Циривири-Трена“.  Секое училиште имаше по пет натпреварувачи кои се натпреваруваа во неколку игри како Погоди го револуционерот, Пронајди ја својата боја и Квизот на знаење. Во одлична атмосфера на забава, бодрење, дружење, но и многу знаење, најдобри резултати постигнаа учениците од ОУ „Вера Циривири-Трена“ кои се првите победници на квизот „Трка низ времето“. На сите ученици, како и на нивните професори им беа поделени сертификати и благодарници за учество. Посебно изненадување за учесниците на квизот подготви уметникот Живко Поповски-Цветин кој во чест на 24 мај, изработи 24 минијатурни слики на цвеќе, како подарок за учениците.

Квизот „Трка низ времето“ е во организација на едукативниот тим на НУ Музеј на македонската борба, а по успешното прво издание очекуваме истиот да стане убава традиција.