Делегација на Музејот на македонската борба му оддаде почит на Гоце Делчев

По повод 114 години од загинувањето на Гоце Делчев, делегација на НУ Музеј на македонската борба - Скопје присуствуваше на чествувањето во црквата Св. Спас.

Делегацијата предводена од директорот д-р Бранислав Светозаревиќ положи свежо цвеќе и се поклони пред гробот на еден најголемите идеолози на народноослободителното движење на македонскиот народ кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. 20170504 102703

Ѓорѓи Николов Делчев, родум од Кукуш (денешен Килкис во северна Грција) бил учител, револуционер, дипломец на военото училиште во Софија, таканаречен „Срцето на МРО“. Неговото дејствување води во две насоки како воен организатор и како идеолог на македонската револуционерна борба. Од поглед на воен организатор, Гоце Делчев, бил основач на Четничкиот институт кој се состоел од: инструктори на чети, агитациони чети, селска полиција и народна војска. Бил поставен за главен инспектор и началник на македонските чети, активист, кој истовремено многу придонел и за зголемување на Македонската револуционерна организација и за вклучување на македонските селани во МРО како најброен човечки потенцијал. Како идеолог, Гоце Делчев, заедно со Ѓорче Петров, изготвувајќи ги првите Устав и Правилник на ТМОРО во 1896, во нив ги поставиле основните идеолошки поставки на Организацијата. Така, во првиот член на Уставот се вели: „Тајната македоно-одринска револуционерна организација има за цел да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народност, за преку револуција да се постигне политичка автономија на тие две области“. Заедно со Ѓорче Петров, Гоце бил избран за прв член на Задграничното Претставништво на ТМОРО во Софија со цел да се онеспособи продорот на бугарската политика и пропаганда во Македонија и да се осуети надворешно мешање во внатрешните работи на македонската Организација, а воедно и преку него да се овозможи поддршка од македонската емиграција во Бугарија, да се обезбедат материјални средства, оружје, муниција, револуционерна литература, обезбедување на погранични пунктови и друго. Тој бил противник на кревањето на едно недоволно подготвено општонародно востание како што било Илинденското востание застапувајќи сè за стратешко или перманентно востание. На 4 мај, 1903 година, најверојатно при предавство, загинува во османлиска заседа во селото Баница, Серско (денес во Република Грција).