Работилница за Битката на Готен од 1903 година

Денес, 13 април,  во Музејот на македонската борба се одржа работилница на тема велигденската Битка на Готен од 1903 година со учениците од ОУ Вера Циривири – Трена од Скопје.

Во рамки на работилницата, се направи презентација на велигденските обичаи и ора од учениците на МБУЦ Илија Николовски – Луј и ансамблот Македонија. Потоа следеше детален историски осврт за битката на Готен од страна на музејските едукатори во кој учесниците имаа прилика подлабоко да се запознаат со овој многу важен настан од нашето минато.

На крајот на работилницата, учесниците имаа можност за креативно творење на оваа тема, под менторство на м-р Матилда Бајкова.

Битката започнала на Велигден на 6 април 1903 година, се водела на планината Готен, Малешевско, Источна Македонија. Борбата се водела помеѓу здружените чети на Македонската револуционерна организација и турскиот аскер. На чело на здружената чета стоеле војводите: Христо Чернопеев, Коста Мазнејков, Делчо Кочов, К. Кондов, Никола Дечев, Питу Гули, Ванчо Србакот, Тимо Ангелов и др. Бројот на комитите изнесувал од 250 до 270 души. Четата била опколена од страна на турската војска на врвот Готен, при што на помош им дошол и врховистичкиот војвода Никола Лефтеров со својата чета. Ноќта на 6 април опколените комити тргнале на јуриш при што од своја страна имале 25 загинати додека пак бројот на загинатите и ранети турски војници изнесувал околу 200 души.