Шесто одделение

Востаничката 1903 година за време на Илинденското востание

Востаничката 1903 година за време на Илинденското востание

Независно што времетраењето на Илинденското востание во различни краеви на Македонија било различно и се одвивало во текот на август, септември и октомври, целата 1903 година била во знакот на Востанието почнувајки од донесувањето на одлуката за кревање на востание на Солунскиот конгрес на ТМОРО во Солун од 2 – 4 јануари, дискусиите околу таа одлука, подготовките и прогласувањето на Крушевската република, па сè до задушувањето и последиците од востанието. Во таа година се случиле многу настани, а еден број од нив станаа синоним за непоколебливата решеност на Македонците да дадат сè од себе за возвишениот идеал кон кој се стремеа: отфрлање на османлиската власт и извојување на политичка и национална слобода и своја држава. Меѓу нив челното место го има Илинденското востание и Крушевската република, но исто така и саможртвата на младите македонски гемиџии, кои го изненадија и потресоа со нивните атентати градот Солун, но и целата османлиска и тогашна европска јавност. Длабоко се врежале во заедничкото сеќавање на македонскиот народ трагичниот крај на Гоце Делчев и на други бројни раководители и револуционери, војводи, четници на ТМОРО и востаници кои загинале во вооружените борби со османлиската војска.

 

КРУШЕВСКА РЕПУБЛИКА (3 Август 1903 – 13 Август 1903)/
Крушевската република била всушност воспоставената привремена локална востаничка власт на слободената територија за време на Илинденското востание во крушевската област. Највисок орган на востаничката власт бил Советот на Републиката, а Никола Карев бил избран за Претседател на Крушевската Република. Притоа била именувана шестчлена привремена влада на чело со Дину Вангели (Вангел Дину), деец од влашко потекло. Секој член од привремената влада бил задолжен за определен ресор: Дину Вангели за судството, Ѓорѓи Чаче за реквизиција, Теохар Нешков за финансии, Христо Ќурчиев за внатрешни работи, Димитар Секулов за прехрана и Никола Баљу за санитетските прашања. Во рамките на привремената влада постоеле и Комисии кои ја носеле улогата на помошни тела на Владата, а Востаничкиот штаб ја претставувал воената власт во градот Крушево.

Читање на крушевскиот манифестЧитање на крушевскиот манифест

Крушевскиот манифест бил документ-проглас кој бил изготвен од востаничката власт во градот. Во него, освен објаснувањето на целите на борбата кои биле во насока на ослободувањето на Македонија, го повикувал и цивилното муслиманско население да им се приклучи на востаниците во борбата која не била насочена против нив, туку против неподносливиот режим на турскиот султан. За да се неутрализира и привлече цивилното муслиманско население, по ослободувањето на Крушево, востаничката власт го испратила Крушевскиот манифест до сите околни муслимански села. Благодарение на тоа, дел од овие села населени претежно со турско население, останале неутрални за време на Илинденското востание. До власта на Крушевската Република, некои муслимански првенци од крушевските села испратиле писма со поддршка и разбирање за целите на борбата на востаниците кои ги сметале за праведни и исправни.

НИКОЛА КАРЕВ (1877-1905) НИКОЛА КАРЕВ (1877-1905)

Бил учител, војвода, социјалист и револуционерен деец на МРО. Учествувал како делегат на Смилевскиот конгрес во мај 1903 година каде се искажал против одлуката за кревање на востание во тој момент затоа што сметал дека сè уште не биле целосно завршени подготовките околу снабдувањето со оружје. По ослободувањето на Крушево бил избран за претседател на Крушевската Република. Загинал во судир со османлиска војска во 1905 година.

Црешово топчеЦрешово топче

Во подготовките на востанието, особена улога имало производството и поправката на оружје за што низ Македонија биле организирани повеќе тајни работилници. Особено значајно било производството на примитивен топ, од црешово дрво, нарешено “Чрешово топче“ кое ќе стане симбол на востанието во 1903 година.

Битката на Мечкин Камен, Крушево, 1903 година Битката на Мечкин Камен, Крушево, 1903 година

Одредот на војводата Питу Гули, на 12 август 1903 година учествувал во одбраната на десетдневната Крушевска Република кај месноста Мечкин Камен која се наоѓа над самото гратче Крушево. До вечерните часови, четата успешно го бранела Крушево од нападите на османлиската војска и башибозук, а во исто време го штитела повлекувањето на главнината на востаничките сили и цивилното население. Најголемиот дел од четата загинал заедно со војводата Питу Гули.

ПИТУ ГУЛИ (1865-1903)
ПИТУ ГУЛИ (1865-1903)

Бил македонски револуционер со влашко потекло, водач на чета во крушевскиот крај и еден од членовите на Горското началство во Крушевско за време на Илинденското востание, кој спротивставувајќи сè на одлуката на гореспомнатото началство за повлекување на востаничките сили од Крушево и Крушевско загинал во битката на Мечкин камен во 1903 година.

ГЕМИЏИИ или солунски атентатори (април/мај 1903): Јордан Поп Јорданов –Орцето, Марко Бошњаков, Илија Трчков, Димитар Мечев, Константин Кирков и Владимир Пингов

Биле млади македонски анархисти кои во поголемиот дел од нив биле запишани на студии во Швајцарија каде се задоиле со рускиот анархизам. Главен предводник на гемиџискиот кружок бил Јордан Поп Јорданов – Орцето, а поистакнати од 23-цата биле и: Павел Шатев, Георги Богданов, Милан Арсов и други. Главната цел била да се предизвика само материјална штета која ќе го погоди европскиот капитал, притоа да не настрада невиното и недолжно население. Всушност, целта била, преку нападите, да се предизвика европското политичко внимание кон нерешеното македонско прашање. Притоа како цел на нападите биле: Банк Отоман, францускиот брод „Гвадалкивир“, гасоводната станица, германскиот клуб и други објекти.