Седмо одделение

Македонската револуционерна организација од крајот на Илинденското востание до Младотурската револуција

Со задушувањето на Илинденското востание состојбата во Македонија, а особено во Битолскиот револуционерен округ, останала и понатаму тешка. Факторите кои ја правеле и понатаму крајно мачна положбата на македонското население биле: мерките што ги преземала османлиската власт, зголеменото присуство на вооружени чети на соседните држави и врховистичките чети, кои биле пред сè насочени кон пренасочување на дејноста на на ТМОРО (ВМОРО) во Македонија или нејзино преземање. Од друга страна, Организацијата била презафатена со внатрешните идеолошки спротивставености околу нејзината организациона структура, раководење и начинот на водењето на борбата за постигнување на нејзината главна цел – ослободување и создавање на македонска држава.
Овој период од македонското националноослободително движење поминал во знакот на многу предавства, откривање на четите на ВМОРО, херојски битки во кои македонските револуционери покажале извонредна храброст, а повеќето од нив кои го изгубиле животот непосредно по Илинденското востание ги запишаа најславните страници од македонската револуционерна традиција – саможртвата. Тие смело и непоколебливо ги ставија своите животи пред олтарот на слободата на Македонија такви беа: Христо Узунов, Ѓорѓи Сугарев, Никола Карев, Дамјан Груев, Пандо Кљашев, Славејко Арсов, Сава Михајлов и други.
Во наведеното одделение се сместени дел од најзначајни настани и личности на ВМОРО кои го одбележале периодот по Илинденското востание од 1903 година. Преку восочни фигури, уметнички слики-портрети и масовни сцени како и преку оригинални документи, фотографии и оружје, ќе можете да се запознаете со многу трагични битки, загинувања на познати војводи и раководители на ВМОРО кои трајно се врежале во заедничкото сеќавање на македонскиот народ како борци за создавање на независна македонска држава.

 

ЃОРЃИ СУГАРЕВ (1879-1906),

ЃОРЃИ СУГАРЕВ (1879-1906)
Бил учител, револуционер и војвода и познавач на повеќе јазици меѓу кои: грчки, турски, бугарски и руски јазик. Во 1900 година бил избран за член на Битолскиот окружен револуционерен комитет, а потоа и за секретар и војвода на истиот. Сугарев на Смилевскиот конгрес каде била донесена одлуката за кревање востание и начинот на кој ќе се води истото, се изјаснил против одлуката за кревање востание во тој момент, но бил за востание и учествувал во истото. По Илинденското востание учествувал во возобновувањето на Организацијата застапувајќи ја размислата за децентрализација и демократизација на револуционерната дејност. Во 1906 година, предаден, при османлиска заседа се самоубил без притоа да ја остави можноста да биде жив заробен.

ХРИСТО УЗУНОВ (1878-1905)

ХРИСТО УЗУНОВ (1878-1905)
Бил револуционер, војвода и учител, организатор на организационото дело во Охридско-струшкиот крај. Како учесник во Илинденското востание, по неговото задушување од страна на османлиските војски, тој останал во Македонија со цел да ја реорганизира македонската револуционерна дејност. Неговото поилинденско револуционерно дејствување, главно било насочено кон организирање на борбата против туѓата пропаганда во Македонија и разрешување на идеолошките спротивставености и проблеми со кои се соочувала Македонската револуционерна организација. Во 1905 година, Узунов и неговата чета биле предадени и по извесен жесток отпор даден од страна на рволуционерите, тие се саможртвуваат за да не бидат живи заробени.

Андартскиот масакр во с. Загоричани, Костурско, 1905 Андартскиот масакр во с. Загоричани, Костурско, 1905

Грчки андартски четнички формации, облечени во униформи на грчката војска, раководени од Георгиос Вардас –Цонтос, Георгиос Катехалис – Рувас, капетан Дукас, Георгиос Диконимос – Макрис и други, на 27 март 1905 година го опожариле селото Загоричани, Костурско, а незаштитеното население безмилосно го маскрирале. Андартите убиле околу 80 селани (мажи, жени и деца), а поголемиот дел од селото бил запален.Ваквиот чин на грчките андарти претставувал притисок врз македонското население да ја прифатат јурисдикцијата на Цариградската Патријаршија кој била раководена од грчки духовни великодостоинственици.

АПОСТОЛ ПЕТКОВ ТЕРЗИЕВ (1869-1911)

Бил претставник на ајдутското движење во Македонија, а со појавата на МРО бил вклучен во нејзините редови како револуционер, издигнувајќи сè, подоцна како гевгелиски и ениџевардарски војвода. Како револуционер и војвода особено се истакнал како борец и организатор на борбата против грчките андарти и врховистичките чети во приморскиот јужен дел на географска Македонија. По Илинденското востание, во кое претходно зел учество, особено се истакнал како жесток борец против грчката вооружена пропаганда во ениџевардарско. Таканаречениот „македонски Робин Худ“ од страна на американскиот публицист Алберт Сониксен, во 1910 година враќајќи сè од Бугарија во Македонија ги возобновува револуционерните дејствија при што загинува во ениџевардарско во 1911 година.

АЛБЕРТ СОНИКСЕН (1878-1931) АЛБЕРТ СОНИКСЕН (1878-1931)

Бил американски публицист и член-секретар на Македонскиот комитет во Њу Јорк, САД, формиран во 1904 година од американско-македонско заедништво со цел материјално да го помага и истовремено да го претставува делото на МРО пред светската јавност. Во 1904 година тој бил испратен во Бугарија како кореспондент на различни весници со цел подобро да се запознае со борбите во Македонија и истите да ги опише. Во почетокот на 1906 година преминува во Македонија каде учествувал како македонски револуционер во македонска револуционерна чета во времетраење од неколку месеци. Последователно на неговиот престој во Македонија, неговото враќање во САД значело и овековечување на неговиот спомен од македонската борба преку неговото дело-роман „Исповедта на еден македонски четник (Confessions of a Macedonian Bandit (1909)“.