Петто одделение

Македонска револуционерна организација (1893-1903)

Македонска револуционерна организација (1893-1903)

Искуствата од претходните востанички обиди, од засилениот преродбенски тек и развој и зголемениот број на македонската интелигенција, особено учителската, довеле до широко ослободително движење што ја зафатило Македонија во деведесеттите години на 19. век. Врвна точка на ова движење беше формирањето на Тајната македонско-одринска револуционерна организација. Македонската револуционерна организација (МРО) била основана на 23 октомври 1893 година во Солун, а нејзини основоположници биле: Дамјан Груев, Иван Хаџи Николов, Петар Поп Арсов, Христо Татарчев, Христо Батанџиев и Андон Димитров.
МРО се определила да се бори за политичка автономија на Македонија во рамките на Османлиското царство преку едно општонародно востание. Потоа автономијата се сфаќала како преоден чекор за создавање на посебна македонска држава. За исполнувањето на таа цел биле донесени важни програмски документи (Устав и Правилник) со јасно поставена цел, потоа била создадена широка мрежа на хиерархиски поставени тајни комитети и строго хиерархиски организирана вооружена сила – чети низ целата етногеографска територија на Македонија. Организацијата била широко поддржана и прифатена од сите слоеви на македонското општество поради што таа постепено прераснала во најважен фактор за борбата на македонското население за слободен развој и промена на државниот и општествен поредок на Османлиското царство. Таквиот тек на настаните придонел револуционерната организација да биде наречена „Подземната република“ и да се однесува како држава во држава со своја судска власт, своја полиција и огромна вооружена народна сила, казнени чети, со своја образовна сила составена од учители-членови на Организацијата, агитатори за македонското дело и тајна поштенска служба.

 

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ (1872-1903)

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ (1872-1903)
Гоце Делчев, родум од Кукуш (денешен Килкис во северна Грција) бил учител, револуционер, дипломец на военото училиште во Софија и таканаречено срцето на МРО. Неговото дејствување води во две насоки: како воен организатор и како идеолог на македонската револуционерна борба. Од поглед на воен организатор, Гоце Делчев, бил основач на Четничкиот институт кој се состоел од: инструктори на чети, агитациони чети, селска полиција и народна војска. Како таков бил поставен за главен инспектор и началник на македонските чети, деец, кој истовремено многу придонел и за зголемување на Македонската револуционерна организација и вклучување на македонските селани во МРО како најброен човечки потенцијал. Како идеолог, Гоце Делчев, заедно со Ѓорче Петров, изготвувајќи ги првите Устав и Правилник на ТМОРО во1896, во нив ги поставиле основните идеолошки поставки на Организацијата. Така, во првиот член на Уставот се вели: „Тајната македоно-одринска револуционерна организација има за цел да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народност, за преку револуција да се постигне политичка автономија на тие две области“. Заедно со Ѓорче Петров, Гоце бил избран за прв член на Задграничното Претставништво на ТМОРО во Софија со цел да се онеспособи продорот на бугарската политика и пропаганда во Македонија и да се осуети надворешно мешање во внатрешните работи на македонската Организација, а воедно и преку него да се овозможи поддршка од македонската емиграција во Бугарија, да се обезбедат материјални средства, оружје, муниција, револуционерна литература, обезбедување на погранични пунктови и друго. Тој бил противник на кревањето на едно недоволно подготвено општонародно востание како што било Илинденското востание застапувајќи се за стратешко или перманентно востание. Во 1903 година Гоце Делчев, најверојатно при предавство, загинува во османлиска заседа во селото Баница, Серско (денес во Република Грција). Неговата најпозната мисла е: „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“.

ХРИСТО МАТОВ (1872-1922)

ХРИСТО МАТОВ (1872-1922)
Бил македонски револуционер, дипломец на Филолошкиот факултет во Софија и учител во Сер, Скопје, Солун, Софија и Стара Загора. Тој бил еден и од членовите на ЦК на ТМОРО, а од 1902 година и задграничен претставник на ТМОРО во Софија и поддржувач на Илинденското востание во 1903 година. По Илинденското востание ја зазел страната на конзервативното крило кое застапувало централизација на ТМОРО (ВМОРО). Умира во Софија во 1922 година.

ПЕРЕ ТОШЕВ (1865-1912) ПЕРЕ ТОШЕВ (1865-1912)

Бил учител, револуционер, војвода и еден од главните организатори и идејни дејци на МРО. Тошев бил голем противник на Бугарската Егзархија која се јавува како главен спроводник на бугарската црковно-просветна пропаганда во Македонија. Тој многу придонел за равивање на револуционерната мрежа во Прилеп и прилепско. По одлуката за востание, тој активно се вклучил во подготовката на Илинденското востание во кое и учествувал со чета во Мариовскиот крај. По Востанието зел учество на Прилепскиот конгрес и Рилскиот конгрес каде се изјаснил за децентрализација и демократизација на МРО, како облик на реорганизација по неуспешното Илинденско востание, кој требал да ја сочува самостојноста на македонското револуционерно дело и да спречи продор на туѓата политика во внатрешните работи на ВМОРО. Во текот на неговото револуционерно дејствување, тој бил жесток укажувач на влијанието на странските пропаганди и се застапувал за истовремено водење на културната дејност со револуционерната дејност. Убиен бил од османлиска банда, кај Дреновската клисура во 1912 година.

Основачи на МРО

ИВАН ХАЏИ НИКОЛОВ (1861-1934)
Бил револуционер, учител, книжар, трговец и еден од основачите на МРО во Солун, во 1893 година. Како противник на Бугарската егзархија, главниот спроводник на бугарската црковно-просветна пропаганда во Македонија, тој го поставил и начинот на прифаќање нови членови во Организацијата. Неговата револуционерна дејност завршила со неуспешното Илинденско востание 1903 година, кога се повлекол во Софија и таму ја продолжил книжарската и издавачката дејност.

ХРИСТО БАТАНЏИЕВ (1865-1913)
Бил учител и револуционер, еден од основачите на МРО во Солун, во 1893 година. Во периодот од 1888 до 1911 година бил професор во Солунската машка гимназија и секретар на солунската општина. По Младотурската револуција активно се вклучил во Сојузот на бугарските конституциони клубови во Македонија. Со избувнувањето на Втората балканска војна бил уапсен од грчките власти и подмолно убиен.

ХРИСТО ТАТАРЧЕВ (1869-1952)
Бил еден од основоположниците на МРО и прв нејзин претседател, револуционер и публицист. Во 1902 година бил поставен за задграничен претставник на ТМОРО во Софија, заедно со Христо Матов. Тој бил поддржувач на идејата за општонародно востание наспроти Гоце Делчев и Ѓорче Петров кои застапувале стратешко или перманентно востание. По Илинденското востание ја зазел страната на конзервативното крило на Организацијата, притоа застапувајќи сè за централизиран облик на револуционерна дејност. Револуционерната дејност ја прекинал во периодот меѓу двете светски војни, поради што се преселил во Торино и таму останал до крајот на својот живот.

ДАМЈАН (ДАМЕ) ГРУЕВ (1871-1906)
Бил учител, револуционер и еден од основачите на Македонската револуционерна организација. Во 1893 година бил еден од поттикнувачите за основање и еден од основачите на МРО во Солун. Тој бил заслужен за распространувањето на Организацијата, како и за формирањето на првите револуционерни комитети, односно јадра, при што била поставена основата на Битолскиот револуционерен округ. Заедно со ред други македонски дејци и идеолози на македонското револуционерно дело се застапувал за вклучување на целокупното население од Македонија во редовите на Организацијата, без разлика на вера и народност. Во 1903 година учествувал во подготовките на Илинденското востание како член на Главниот востанички штаб на Битолскиот револуционерен округ, а по Востанието останал во Македонија со цел да ја реорганизира Организацијата. Неговото стојалиште по Востанието, било да се задржи централизираниот облик на револуционерната дејност, но отворено соработувал со реформаторското крило кое барало децентрализација и демократизација на делото, притоа застапувајќи заедништво на сите идеолошки спротивставени страни во реорганизацијата на МРО. Во 1906 година загинал при османлиска заседа кај с. Русиново, Беровско.

ПЕТАР ПОП АРСОВ (1868-1941)
Бил филолог, учител, револуционер и основоположник на Младата македонска книжевна дружина, а во 1893 година и еден од основоположниците на МРО во Солун, како и автор на нацрт-Уставот на МРО. Тој бил публицист и редактор на в.„Лоза“ и автор на книшката „Стамболовштината во Македонија“ каде ја разоткривал политиката на бугарскиот премиер, Стефан Стамболов, кон Македонија. Уапсен по Солунските атентати не успеал да земе учество во Илинденското востание. По Востанието на Рилскиот конгрес бил избран за задграничен претставник на ВМОРО, притоа застапувајќи го стојалиштето дека реорганизацијата на ВМОРО треба да продолжи во насока на децентрализација и демократизација на делото. По Младотурската револуција учествувал во Народната федеративна партија и како и на парламентарните избори за турскиот парламент во 1910 година. Тој бил застапник за независна македонска црква и за независно образование, како и за отворање на Висока педагошка школа во Скопје. Во 1930 година се преселил во Софија каде и починал во 1941 година.

АНДОН ДИМИТРОВ (1897-1933)
Бил учител и револуционер, правник, како и еден од основачите на МРО во Солун, во 1893 година. Во 1903 година бил поставен за директор на егзархиските училишта во Прилеп, а во 1904 година бил избран за член-судија на битолскиот апелационен суд. По Младотурската револуција бил еден од основачите на Сојузот на бугарските конституциони клубови, а на основачкиот конгрес на гореспомнатиот Сојуз бил избран за претседател на истиот. Меѓу 1915-1918 година работел во министерството за правосудство на Бугарија, а потоа и во министерството за надворешни работи на Бугарија. Во 1920 бил избран за претседател на Ивршниот комитет на македонските братства во Бугарија. По поделбите на идеолошки спротивставени струи во македонското револуционерно движење се повлекол од активно учество во истото.

АНДОН ТОШЕВ СТОЈАНОВ (ДОНЧО ШТИПЈАНЧЕТО) (1867-1931)
Бил учесник во македонското револуционерно движење, деец и курир на МРО. Во 1896 година, пренесувајќи бомби во вреќите со ориз, тој бил случајно разоткриен и затворен од османлиските полициски власти, но во затворот успеал да ги издржи жестоките и нечовечки измачувања поради што никогаш не извршил предавство кон Организацијата. Амнестиран, пребегнал во Бугарија каде продолжил да дејствува за македонското револуционерно движење.

Саможртвата на војводата Методија Патчев и  неговите соборци, 1902 година Саможртвата на војводата Методија Патчев и неговите соборци, 1902 година

На 7 април 1902, четата на чело со војводата Методи Патчев во Кадино село, Прилепско, била нападната од османлиските сили. На една страна се бореле седуммина македонски револуционери, а на другата неколку стотини војници, жандармерија и башибозук. Револуционерите покажале исклучителна храброст, војнички подготвени и силни во духот одбивајќи да се предадат, достојни на заклетвата на верност извршиле саможртвување по деноноќната битка.

РАФАЕЛ КАМХИ (1870-1969) РАФАЕЛ КАМХИ (1870-1969)

Бил македонски револуционер со еврејско потекло, соработник на истакнати македонски револуционерни дејци и идеолози и помагател на македонското револуционерно дело со материјални средства. Во 1903 година зел учество во Илинденското востание, а во 1905 година учествувал и на Рилскиот конгрес каде ја поддржал децентрализацијата и демократизацијата на македонското револуционерно дело.

Советувањето на МРО во Ресен, 1894 година Советувањето на МРО во Ресен, 1894 година

Прикажаното советување на МРО се одржало во градот Ресен каде македонските револуционерни водачи донеле низа важни одлуки за понатамошниот развој на македонското револуционерно движење. Поважни одлуки за Организацијата донесени на ова советување биле: територијата на Македонија да се подели на револуционерни реони на чело со авторитетни лица; материјални средства да не се собираат само од членовите, туку и од поддржувачите на делото; во црковно-просветните институции да се провлечат што поголем број поддржувачи на делото; засилување на пропагандата со печатење на местни весници и ширење на револуционерна литература; проширување на дејноста на револуционерните комитети и вооружување на истите.

Грабнувањето на американската протестантска мисионерка Елен Стон од членови на МРО, 1901 Грабнувањето на американската протестантска мисионерка Елен Стон од членови на МРО, 1901

Американската мисионерка Елен Стон и нејзината придружничка Катерина Стефанова Цилка качени на коњи биле запрени од четите на: Јане Сандански, Христо Чернопеев, Крсто Асенов, Сава Михајлов и други.

ЈАНЕ САНДАНСКИ (1872-1915) ЈАНЕ САНДАНСКИ (1872-1915)

Македонски револуционер, идеолог и воен организатор на македонската револуција, следбеник на гоцевите размисли и жесток противник на туѓата политика и пропаганда во Македонија, борец за автономна македонска држава и жесток прогонувач на врховистичките групи како спроводници на бугарската политика во Македонија. Учествувал во Илинденското востание организирајќи и предводејќи чети во Серскиот револуционерен округ. Како учесник во Младотурската револуција, Сандански бил еден од создавачите на Народната федеративна партија застапувајќи се за областна самоуправа на Македонија во рамките на Османлиското царство. Учествувал во Балканските војни надевајќи се на македонска држава, а како противник на бугарскиот цар, притоа јасно изразувајќи стојалишта за посебна македонска држава бил убиен 1915 година.

Француски весници од 1901 и 1904 година Француски весници од 1901 и 1904 година

Весникот „Le pettit journal“ на насловната страница објавил приказ на судир на еден турски одред и македонска чета, при што жените во македонската чета ги именува како македонски Јованки Орлеанки. Весникот „Illustration“ известува дека македонски “државници” се во посета на Париз.