Единсесетто одделение

Македонија во периодот меѓу двете светски војни 1918-1941

МАКЕДОНИЈА ВО ПЕРИОДОТ МЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ 1918-1941

Македонците и по Версајската мировна конференција останале поделени, непризнати, асимилирани и одродувани. Поранешните македонски револуционери идејно поделени, подложени на притисоци од балканските државни структури, иако без сигурни животни и крајно неповолни услови продолжиле со борбата за конечно решавање на македонското прашање. Тоа значело можност за повторно обединување на македонскиот народ и формирање на македонска држава. Во новите историски услови дејствувале повеќе македонски организации, друштва, братства, групи и поединци во Македонија и во емиграцијата, кои имаа различни размисли, програми, методи и начини на дејствување и борба. Дел од овие политички и револуционерни сили ја следеле идејно – политичката подлога на првата Македонска револуционерна организација, а дел од нив попаднале под туѓи влијанија. Од нив: ВМРО, ВМРО (Обединета), Илинденската организација, Сојузот на македонските добротворни братства, Македонската емигрантска федеративна организација, Македонските политички организации во Америка, македонските друштва во Швајцарија учествувале во борбата за решавање на македонското прашање и истото го истакнувале во меѓународни рамки. Во целокупната дејност на овие организации посебен белег оставиле: Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров, Владислав Ковачев, Арсениј Јовков, Димитар Влахов, Павел Шатев, Тодор Александров и други.
Во истиот период, дошле до израз претставувањето и истакнувањето на силната македонска национална свест и признавањето на македонскиот национален идентитет од страна на повеќе политички сили и меѓународни фактори.

 

ТОДОР АЛЕКСАНДРОВ (1881-1924)

ТОДОР АЛЕКСАНДРОВ (1881-1924)
Бил револуционер и еден од основачите на ВМРО по Првата светска војна, учител и окружен војвода на Скопскиот револуционерен округ. Александров бил застапник на идејата за бунтарско-револуционерна дејност и поддржувач на централизираниот облик на поставување на ВМОРО. Непосредно пред Балканските војни тој се појавил како организатор на т.н. „магарешки атентати“ во Штип и Кочани кои биле еден од поводите за почеток на Балканските војни. Во текот на Балканските војни заедно со Александар Протогеров раководел со Штабот на македонските ополченици на страната на бугарската војска. По Првата светска војна бил противник на владата на Александар Стамболиски и на федеративната струја која се застапувала за македонска посебна и обединета држава во рамките на една Балканска федерација. Во 1924 година дал ополномоштво за својот потпис при потпишувањето на Мајскиот манифест со кој се предвидувало обединување на македонските револуционерни сили и идеолошко спротивно поставените македонски организации за заедничко дејствување за македонска обединета и независна држава, но бргу потоа го повлекол својот потпис. Во 1924 година паднал како жртва на атентат.

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ (1864/5-1921)

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ (1864/5-1921)
Идеолог и теоретичар, учител и Задграничен претставник (ЗП) на ТМОРО, публицист, редактор, мемоарист и автор на серија статии и расправи за Македонија. Тој бил учесник во револуционерните дејствија уште пред создавањето на МРО, а во 1895 година бил избран за член на ЦК на ТМОРО. Во 1896 година заедно со Гоце Делчев ги изработиле првите Устав и Правилник на ТМОРО. Како ЗП со Гоце Делчев ја воделе борбата против врховизмот (идеолошка струја која дејствува за приклучување на Македонија кон Бугарија) во Македонија. Непосредно пред кревањето на Илинденското востание, односно по одлуката за кревање востание се изразил за перманентно или стратешко востание наспроти општонародно востание. По Востанието бил застапувач на идејата за децентрализација и демократизација на МРО и за сочувување на единството на ТМОРО и отстранување на вметнатите врховистички елементи во рамките на Организацијата. На Рилскиот конгрес бил избран за член на ЗП на ВМОРО во Софија, а во текот на Младотурската револуција и воопшто во текот на целото негово дејствување ја следел паролата „Македонија на Македонците“ застапувајќи сé Македонија да остане неделива, единствена географска и економска целост која требала политички да се осамостои. Во текот на Балканските војни зел учество како доброволец во македонските вооружени одреди на страната на Сојузниците, а во периодот од 1916 до 1918 година бил Претседател на Битолската окружна постојана комисија и кмет на градот Драма. По Првата светска војна бил еден од организаторите на Привременото претставништво на бившата обединета ВМРО. Во време на владеењето на Александар Стамболиски бил поставен за Претседател на Комисијата за згрижување на македонските бегалци во Бугарија и еден од организаторите и подржувачите на федеративната струја која се застапувала за македонска посебна и обединета држава во рамките на една Балканска федерација. Поради идеолошки спротивставености тој бил убиен во 1921 година по наредба на ВМРО на Тодор Александров.

ДИМО ХАЏИ ДИМОВ (1875-1924)

Револуционер, теоретичар, општественик, публицист и редактор и учител. Тој бил истакнат идеолошки и медиумски противник на врховизмот како и за решителна борба за самостојна Македонија чие ослободување требало да биде извојувано со сопствените сили. За време на Илинденското востание тој зел учество во истото, а по него целосно се вклучил во возобовувањето на раскинатата организациона мрежа. Како учесник на Рилскиот конгрес во 1905 година ја поддржал идејата за децентрализација и демократизација на револуционерното дело. За време на Младотурската револуција се појавил како еден од составувачите на Проект-програмата која ја одредила и основата на идната Програма на НФП во која било предвидено создавање на Балканска федерација во чиј состав Македонија требала да се формира како одделна самоуправна државно-правна единица. По Првата светска војна бил избран за постојан член на Привременото претставништво на бившата обединета ВМРО и се јавува како поддржувач на Апелот на Серчаните со кој се барало одржување на плебисцит во Македонија, откако од неа че се отстранат туѓите војски и администрација. Во 1924 година како последица од идеолошките спротивставености со дејците на ВМРО бил убиен при атентат извршен од страна на Владо Черноземски.

ВЛАДИСЛАВ (СЛАВЧО) КОВАЧЕВ (1875-1924)
ВЛАДИСЛАВ (СЛАВЧО) КОВАЧЕВ (1875-1924)

Бил учител, револуционер и војвода, теоретичар и идеолог на МРО. Владислав Ковачев во 1895-та се вклучува во македонското револуционерно движење. Од 1899 до 1901 година, Ковачев бил секретар на Врховниот македонско-одрински комитет (ВМОК), на чие чело тогаш стоел Борис Сарафов. Владислав бил задолжен за организирање на револуционерните комитети во Македонија и Одринско. Во време на преземањето на ВМК од страна на бугарскиот генерал Иван Цончев, тој се јавил како жесток противник на врховизмот и неговите претставници. За време на Илинденското востание, Ковачев зел учество со својата чета во Штипско, Кочанско и Кратовско. По неуспехот на Илинденското востание, Ковачев краток период бил Скопски војвода, а потоа на неколку години ја напушта Македонија. Од 1904-1909 година студирал правни науки во Париз, а во 1911-та докторирал на правниот факултет во Брисел. Во текот на Балканските војни учествувал во рамките на македоно-одринското ополчение. По завршувањето на Балканските и Првата светска војна, Ковачев работи како адвокат, а потоа и како судија во Софија и заедно со дејците од федеративната струја, целосно се вклучува во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија. Во 1919 година ја издал брошурата “Автономна Македонија“, во која јасно застанал зад идејата за автономна македонска држава. Тој пројавил особена дејност во организирањето и обединувањето на македонските бегалски маси и македонските револуционерни сили во Бугарија, посебно кога започнал да се спроведува силен идеолошки и пропаганден притисок од страна на Извршниот комитет на македонските братства во Бугарија. Во 1921 година под идеолошкото водство на Ковачев била формирана Македонската емигрантска федеративна организација (МЕФО). Тој е избран за член на политичката комисија и станува еден од раководителите на МЕФО. Главната идеја на федералистите била: “Создавање на Македонија во нејзините географски и економски граници, како самостојна политичка единица,како етапа за исполнување на Балканска федерација “. Развивајќи ја идејата на МЕФО, Ковачев ги разработил и дефинирал термините: Македонци, Македонски народ, Македонско население, Македонска душа, Македонска борба и тн. Тој бил и остар противник на братоубиствата помеѓу Македонците поради нивните различни идеолошки ориентации. Како искусен револуционер и теоретичар, Владислав Ковачев ја прифатил политичката платформа на Димо Хаџи Димов, изложена со Мајскиот манифест од 1924 година во кој главната цел била: „Обединување на македонските сили во единствен револуционерен фронт за ослободување и обединување на независна и самостојна Македонија во нејзините природни, географски и етнографски граници“. Поради идеолошки спротивставености со ВМРО на Протогеров и Михајлов, бил убиен во 1924 година.

ВЛАДИСЛАВ (СЛАВЧО) КОВАЧЕВ (1875-1924)
ДИМИТАР ВЛАХОВ (1878-1953)

Истакнат деец, професор по хемија, публицист, мемоарист и редактор на повеќе весници издавани во Солун и Виена. Во периодот на Младотурската револуција бил еден од основачите на НФП и пратеник во Младотурското собрание. Подоцна во периодот меѓу двете светски војни се јавува како поддржувач на федералистичката струја во рамките на македонското револуционерно движење и член на Бугарската комунистичка партија во периодот од 1925 до 1944 година кога се вратил во Југославија, а се пројавил и како противник на великорускиот империјализам кој непријателски се однесувал кон македонското ослободително движење. Во истиот период тој по наредба на Балканската комунистичка федерација работи на обединувањето на македонската револуционерна емиграција во Австрија, Швајцарија и Франција, како и за нејзина подготовка во борбата против монархистичките режими во Југославија, Бугарија и Грција. Во 1925 година се истакнал како еден од основачите на ВМРО (Обединета) во Виена, организација која ги следела федеративните начела, а претходно бил еден од составувачите на Мајскиот манифест во 1924 година и поттикнувач на потпишувањето на истиот. Во 1944 година се вратил во Југославија каде ја продолжил својата дејност во рамките на комунистичкото движење, а подоцна и во изградбата на НР Македонија.

ВЛАДИМИР (ВЛАДО) ЧЕРНОЗЕМСКИ (1897-1934)
ВЛАДИМИР (ВЛАДО) ЧЕРНОЗЕМСКИ (1897-1934)

Во 1922 година се приклучил кон ВМРО на Тодор Александров, а поради тоа што бил исклучителен стрелец со крајна ладнокрвност и дисциплина во 1924 година бил повикан од Александров во Софија со цел да извршува специјални задачи на ЦК на ВМРО. Подоцна тој се појавил како приврзаник на терористичката тактика која ја спроведувал Ванчо Михајлов во рамките на ВМРО. Познат е по тоа што извршил голем број атентати меѓу кои се и атентатите врз: Димо Хаџи Димов и Наум Томалевски. Во 1934 година, во Марсеј, Черноземски го извршил атентатот врз југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ и францускиот министер за надворешни работи Луј Барту. Притоа го изгубил и својот живот во судир со француската полиција. Атентатот бил нарачан од Ванчо Михајлов во соработка со Анте Павелиќ, водач на хрватската профашистичка (усташка) струја.

АЛЕКСАНДАР I КАРАЃОРЃЕВИЌ (1888 -1934)
АЛЕКСАНДАР I КАРАЃОРЃЕВИЌ (1888 -1934)

Познат како Александар Караѓорѓевиќ, Крал Александар и Александар Обединителот. Тој бил крал на Кралството СХС од 1921 до 1929 година, а од 1929 до 9 октомври 1934 година, крал на Кралство Југославија. Убиен е во атентат во Марсеј, од страна на Владо Черноземски, по наредба на ВМРО на 9 октомври 1934 година.


ЛУЈ БАРТУ (1862-1934)

Француски премиер во времетраење од 8 месеци во 1913 година, при што се истакнал со воведување на тригодишната воена обврска и развивањето на военото воздухопловство. Во 1934 година како министер за надворешни работи на Франција работел за зближување на Франција и СССР и приклучување на Советскиот сојуз во Лигата на народите. Како последица од хитлеровата опасност за Франција работел на зближување со Полска, Чехословачка, Романија и Југославија. Убиен е во Марсеј заедно со југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во преговорите да ја приврзе Југославија со францускиот систем на безбедност.