Дванаесетто одделение

Народноослободителната борба (НОБ) 1941-1944

НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНАТА БОРБА (НOB) 1941-1944

Антифашистичката и Народноослободителната борба на македонскиот народ во периодот од 1941 до 1944 година претставувала продолжување на националноослободителната борба. Илинденските традиции и замислите на ВМРО биле поттик и патоказ на младите македонски револуционери да истраат во исполнувањето на целта: национална и политичка слобода и македонска државност. Најголемиот дел од Македонците во сите три дела на поделена Македонија застанале на страната на антифашистичкиот сојуз и во борбата против фашизмот и окупаторите ја согледале историската можност за исполнување на нивните национални замисли и државотворни стремежи. Во текот на народноослободителната борба на македонскиот народ загинале голем број антифашисти, демократи, комунисти и патриоти. Меѓу нив како значајни вреди да се спомнат: Кузман Јосифовски - Питу, Страшо Пинџур, Цветан Димов, Мирче Ацев, Вера Циривири Трена, Вера Јоциќ, Борка Талески, Јосиф Јосифовски – Свештарот, Никола Парапунов, Лазо Трповски и бројни нивни соборци од сите краеви на Македонија кои останаа длабоко врежани во свеста на Македонците.
Како резултат на борбата на македонската војска создадена во текот на Втората светска војна било поттикнато одржувањето на Првото заседание на АСНОМ и до ослободување на територијата на Вардарскиот дел на Македонија. Тогаш била формирана современа македонска држава – Демократска Федерална Македонија под водство на Методија Андонов – Ченто, во рамките на југословенската федерација. Со тоа беше парцијално решено македонското прашање и беа исполнети само дел од замислите на ВМРО за слобода и државност.

 

МЕТОДИЈА ШАТОРОВ – ШАРЛО (1897-1944)

МЕТОДИЈА ШАТОРОВ – ШАРЛО (1897-1944)
Mакедонски национален деец и комунист, член на Бугарската социјал-демократска партија, член на Бугарската комунистичка партија и член Комисијата за нелегални работи и член на Обласниот комитет на ВМРО (Обединета) за Пиринска Македонија. Тој бил создавачот на првиот македонски партизански одред, скопскиот, во август 1941 година. Како припадник на Коминтерната секаде се именувал како Македонец и работел за македонското прашање. Во рамките на Задграничното биро на ЦК на БКП бил задолжен да работи по „македонска линија“. Од 1930 година Методија Шаторов работел во телата на Коминтерната во Москва по прашањето на национално-револуционерното движење на балканските народи, каде што бил задолжен да работи по ,,македонска линија“. Учествувајќи во дискусиите во телата на Коминтерната за идниот статус на Македонската организација, се залагал за создавање „посебна македонска национална организација или партија“ што ќе дејствува по „македонските работи“ сметајќи дека тоа било основен предуслов за обединување на комунистите и другите македонски напредни сили во борбата за национално ослободување и обединување на македонскиот простор. Како секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, тој веднаш го сменил името на Партијата, од Покраински комитет на КПЈ за Македонија во Покраински комитет на КП во Македонија, а на Покраинската конференција на КП во Македонија од 8 септември 1940 година била донесена резолуцијата позната како „Македонска платформа“, во која меѓу другото било истакнато дека „големо значење за комунистичките организации се разбирањето и спроведувањето на револуционерната политика и политиката на националното прашање, затоа што тоа се јавува како прашање над прашањата“. Македонската платформа била првиот програмски документ за решавање на македонското национално прашање преку борба на македонскиот народ за докажување на неговиот национален идентитет, за рамноправност со другите народи на Балканот, за своја слободна и суверена држава. Во 1941 година Шарло бил отстранет од КПЈ. Причината за отстранувањето на Методија Шаторов од должноста политички секретар на Покраинскиот комитет и неговото исклучување од Партијата, лежела во неговата македонска платформа, која се потпирала врз правото на самоопределување на секој народ посебно, односно врз правото на сопствена суверена држава на Балканот. За да ја избегне неговата ликвидација од партизанскиот суд се вклучил кон Бугарската комунистичка партија каде продолжил да дејствува организирајќи го партизанското движење во Бугарија. Во 1944 година загинал во битка со бугарските фашистички сили под сомнителни околности.

МИХАЈЛО АПОСТОЛСКИ (1906-1987)
Mакедонски партизан, антифашист, командант на НОВ и ПОМ, воен теоретичар, политичар, историчар и народен херој. Во 1927 г. ја завршил Воената академија во Белград, во 1933 Високата воена академија, а во 1938 г. завршил и Генералштабната академија. Втората светска војна го затекнала во чинот генералштабен мајор на служба во Љубљана т.е. на должноста началник на штаб на дивизија. По враќањето во Македонија во 1941 година се поврзува со народноослободителното движење во окупирана Македонија. Истата година бил назначен за член на Покраинскиот воен штаб на Македонија, а во 1942 година за командант на Главниот штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија. Во 1943 година бил назначен за генерал мајор, а истата година бил избран за член на Претседателството на АВНОЈ на Второто заседание на АВНОЈ.Од февруари 1944 година покрај 33 македонски оперативни бригади, под команда на Апостолски се наоѓале и бригади од Косово и од Јужна Србија. Подоцна бил избран за член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а како учесник на на Првото заседание на АСНОМ бил збран во Президиум на АСНОМ. Во 1945 година бил назначен за началник на Врховниот штаб на НОВ, односно на Генералштабoт на Југословенската војска. Помеѓу 1946 и 1952 година бил командант на сараевската воена област и началник на високата воената академија на ЈНА. Се пензионирал со чин генералполковник. Во периодот од 1965 до 1970 година бил директор на Институтот за национална историја. При формирањето на Македонската академија за науки и уметности на 18 август 1967 година бил избран за нејзин прв редовен член, а во 1968 година бил избран за дописен член на Српската академија на науки и уметности. Подоцна бил избран за член на Југословенската (денес: Хрватска академија на науките и уметностите), Словенечката, на Академијата за науки и уметности на Босна и Херцеговина и на Академијата на Косово. Од 1976 година до 1983 година бил претседател на МАНУ. Во периодот од 1978 до 1981 година бил претседател на Советот на академиите на науки и уметности на СФРЈ. Бил член и на Советот на федерацијата.Во 1953 година бил одликуван со орденот Народен херој. Добитник бил на наградата АВНОЈ во 1978 година, највисоката награда која ја доделувала СФРЈ.

КОСТА (КОЧО) СОЛЕВ - РАЦИН (1908-1943) КОСТА (КОЧО) СОЛЕВ - РАЦИН (1908-1943)

Mакедонски поет, есеист, раскажувач, романсиер, уредник и дописник на повеќе весници и списанија, приврзаник на комунистичката идеологија и основоположник на современата македонска уметничка поезија, односно современата македонска литература. Покрај тоа што се занимавал со поезија, Рацин пишувал прозни и теоретски трудови. Тави се написи за богомилите, за Хегел и за феминизмот кои претставуваат ремек дела за тогашната македонска комунистичка и напредна сцена. Рацин бил член на Сојузот на комунистичката омладина на Југославија (СКОЈ) и делегат на Четвртиот конгрес на Комунистичката партија во Дрезден. Во 1932 година била возобновена КПЈ и СКОЈ во Македонија, а во 1933 година бил формиран и Областниот комитет на КПЈ за Македонија во чиј состав влегол и Кочо Рацин. Во 1940 година дошло до влошување на односите помеѓу Рацин и раководството на КПЈ во Македонија поради што тој бил исклучен од Партијата. Односите се подобриле во 1942 година следователно на што Рацин се вратил во партизанските редови. Несреќно загинува во 1943 година. Најпознато негово дело е стихозбирката „Бели Мугри“ со која се смета за основоположник на современата македонска литература. Претходно во 1936 година ја објавил и песната „До еден работник“ која се смета за прва песна напишана на македонски јазик. Останатото негово творештво освен поезија опфаќа есеи како што е есејот „Хегел“, раскази како што е расказот „Резултат“ и романот „Опиум“ („Афион”).

Прво заседание на АСНОМ, 2 август 1944 година.

На Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичко собрание на народноослободување на Македонија) биле донесени вкупно девет законодавни акти, од кои четири имале државнотворен карактер. Со овие акти бил ставен темелот на новата современа македонска држава или Демократска Федерална Македонија, која била и свечено прогласена. На заседанието биле донесени следните девет акти:
1. Решение за прогласување на АСНОМ за највисоко законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт во демократска Македонија
2. Решение за одобрување на решенијата, наредбите и задолженијата издадени од ГШ на НОВ и ПОМ и на ИО за свикување на АСНОМ
3. Решение за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава
4. Декларација за основните права на граѓаните на ДФМ
5. Правилник за рабтата на АСНОМ
6. Решение за образување на државна комисија за утврдување на престапите на окупаторот и неговите помагатели
7. Решение за прогласување на Илинден – 2 Август за народен државен празник на македонската држава
8. Решение за оддавање признание и благодарност на Народноослободителната војска на Македонија
9. Решение за формирање на Законодавна комисија при Президиумот на АСНОМ

КИРО ГЛИГОРОВ (1917-2012)

Бил деец на македонското студентско и комунистичко движење, член на Антифашистичкиот народноослободителен комитет (АНОК), член и секретар на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ , секретар-записничар на Првото заседание на АСНОМ, обвинет како автономист и сепаратист бил испратен во Белград во 1945 година. Таму, во периодот помеѓу 1945–1947 година, бил определен за помошник на генералниот секретар на Претседателството на Владата на Федеративна Народна Република Југославија, а потоа бил поставен како помошник-министер за финансии во периодот од 1947–1952 година. По оваа година извршувал повеќе функции: помошник-претседател на Стопанскиот совет на Владата на Федеративна Народна Република Југославија (1952–1953), заменик-директор на Сојузниот завод за стопанско планирање (1953–1955), секретар за стопанство – координатор во Сојузната влада (1956), секретар на Секретаријатот на СИС за општостопански работи и истовремено бил избран за член на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија (1956–1962). Станал сојузен секретар за финансии (1962–1967), а по земјотресот во Скопје бил задолжен од СИС за изработка на програма за обновата на разурнатиот град, како и за спроведување на првите стопански реформи во 1965 година. Во периодот помеѓу 1967-1969 година ја извршувал должноста потпретседател на СИС, а потоа станал член Претседателството на ЦК на Сојузот на комунистите на Југославија и на Извршното биро, во периодот помеѓу 1969–1971 година. Од 1971 до 1972 година бил член на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, а во периодот помеѓу 1974 – 1978 година бил претседател на Собранието на СФРЈ. Пред пензионирањето во периодот помеѓу 1978 – 1987 година бил член на Советот на Федерацијата. Во 1987 година се пензионирал, меѓутоа бил ангажиран во тимот за реформи на Претседателот на СИС, Анте Марковиќ. Во февруари 1990 година се вклучил во Македонскиот форум за подготовка на македонска национална програма. Глигоров активно учествувал во работата на овој форум на кој се разгледувала ситуацијата во Југословенската федерација и можностите за разврската со осамостојување на Социјалистичка Република Македонија. По изгласувањето на Декларацијата за сувереност на државата, на 25 јануари 1991 година, Глигоров бил избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија на 27 јануари 1991 година.