Вовед

voved

Музејот на македонската борба за државност и самостојност преку постојано изложените експонати во “Музејот на Внатрешната македонска револуционерна организација” и во “Музејот на жртвите на комунистичкиот режим”, го симболизира исконскиот стремеж и копнеж на македонскиот народ за своја слобода - неговиот колективен непокор, како и силниот револуционерен набој вграден во создавањето на независна, самостојна и демократска држава.
Документите, фотографиите, оригиналните предмети и оружје, масовните уметнички сцени, портрети, восочните фигури, амбиенталните решенија итн., го оживуваат историското време на Македонија во XIX и XX век. Тие даваат комплетна слика за премрежиња низ кои поминувал македонскиот народ во остварувањето на изворната слободарска визија; низ нив е оживеана револуционерната борба за ослободување, но и борбата за создавање на самостојна и независна македонска држава. Исто така, преку музејските експонати е документирана голготата низ која врвеле македонските патриоти непомирувајќи се со парцијалното решение на македонското прашање во рамките на комунистичка Југославија. Борејќи се против комунистичката власт и наметнатото југословенство, голем дел од нив го жртвуваа својот живот за самостојна, обединета и демократска Македонија.
Посебен акцент во Музејот е даден на Внатрешната македонската револуционерна организација (ВМРО), како:
- масовно обнародена, внатрешна, ослободителна, револуционерна, национална, патриотска и политичка организација;
- нејзините многубројни активности во организирањето, вооружувањето и поведувањето на македонскиот народ во вооружена борба за остварување на вековната цел-слободата;
- програмски цели и стремежи за иднината на Македонија;
- на вооружената четничка сила и на бројната интелектуална и духовна плејада;
- на херојските револуционери, идеолози и борци, корифеи и саможртви на македонскиот слободарски дух.
Музејот ги опфаќа сите појави, процеси, настани и личности од времето на дејствувањето на Организацијата, како една од најголемите, најавторитетни и најмасовни револуционерни организации на Балканот и Европа. Истовремено, преку музејските експонати се прикажани сите активности на ВМРО на меѓународен план:
- интернационализирањето на македонското дело за нерешеното македонско прашање;
- организацирањето на бројни македонски легални друштва, здруженија и организации, културни и научни институти;
- пропагандната и издавачката продукција: весници, списанија и гласила;
- афирмацијата на македонското дело и на македонската ослободителна борба во странство.

Музејот на жртвите на комунистичкиот режим претставува продолжување на идејата и борбата на македонскиот народ за своја самостојна и демократска македонска држава, борба која се потпира врз идеалите и програмските цели на ВМРО за независна Македонија што продолжи и по Втората светска војна, по конституирањето на Демократска Федерална Македонија како федерална единица во новата југословенска федерација. Во изложбените експонати, или поточно преку политичките досиеја на следбениците и симпатизерите на историската ВМРО и на други политички неистомисленици на режимот што ги воделе тогашните полициски служби на ОЗНА и УДБ и низ други документи, прикажан е нивниот отпор и борба за промена на востановениот поредок. Изразена индивидуално или низ тајни организации и групи, оваа борба била резултат на длабокото разочарување и незадоволството од недокрај решеното македонско прашање, од неможноста за територијално обединување на македонскиот народ и неприфаќањето на статусот на Македонија во рамките на Југославија. Презентирани се нивните оригинални политички досиеја - записници од сослушувања, обвинителни акти, тужби, пресуди, фотографии, пароли, песни и писма кои говорат за љубовта кон сопствената татковина; за вековните идеали на Македонецот во борбата за своја сопствена држава; како и за нивниот патриотизам, непокор, саможртва и страдања.
Неоткажувајќи се од идеалите за самостојна и обединета македонска држава, овие македонски патриоти најдоа достојно место во овој музеј кој постои благодарение на нивното визионерство.