Осмо одделение

Македонија за време на Младотурскиот режим

Периодот на младотурскиот режим (1908 – 1912) е завршна етапа од османлиското владеење во Македонија. Во овој период дел од македонските револуционери ја прифатиле можноста за соработка со Младотурците, со надеж дека во демократската преуредна Турција ќе бидат решени најзначајните прашања: аграрното, социјалното, просветното, верското и други, со што македонското население требало да добие еднакви граѓански права со сите Османци. Со своето учество во Младотурската револуција и поддршка на власта на Младотурците, македонските револуционерни сили очекувале политичка автономија за Македонија. На чело на овие претставници на македонското националноослободително движење биле раководните сили од Серскиот, Струмичкиот и Солунскиот револуционерен округ, но и од Битолскиот револуционерен округ.

 

МУСТАФА ЌЕМАЛ АТАТУРК (1881-1938)

МУСТАФА ЌЕМАЛ АТАТУРК (1881-1938)
Турски државник, воен стратег, политички деец, реформатор и творец на современа Турција. Завршил воено училиште во Битола, а како офицер учествува во Младотурската револуција во 1908 година. Потоа учествувал во италијанско-турската војна (1911-1912) и во Балканските војни. Како началник на Штабот на Третата турска војска сместена во Солун дал голем придонес во задушувањето на контрареволуцијата на султанот Абдул Хамид II. Во периодот од 1919 до 1922 година учествувал како командант на турските сили во грчко-турската војна во која Турција ја однела победата. Во периодот од 1923 до 1938 година ја вршел должноста прв претседател на Република Турција.

АХМЕД НИЈАЗИ БЕГ (1873-1913)

АХМЕД НИЈАЗИ БЕГ (1873-1913)
Османлиски офицер, командант на османлискиот гарнизон во Ресен, Југозападна Македонија и првиот кој ја отпочна Младотурската револуција во 1908 година како реакција на апсолутистичкиот режим на султанот Абдул Хамид II.

ХУСЕИН ХИЛМИ ПАША (1859-1921)

Османлиски великодостоинственик, воен и државен деец, генерален гувернер на трите македонски вилаети: Солунски, Битолски и Скопски, во периодот од 1902 до 1908 година и иницијатор на планот за насилна османлиска пацификација на Македонија и за давање минимум граѓански права кои тековно би се проширувале по пат на реформи и би довеле до целосно опфаќање на граѓанскиот и политичкиот живот кај македонското население.

ИБРАИМ ТЕМО (1865-1939)

Бил интелектуалец, публицист и член и основач на Сојузот на албанските писатели и лекар по професија, родум од Струга, Македонија со албанско потекло. Тој бил еден од основачите на младотурската организација, Комитет за единство и прогрес, заедно со Мехмед Решид и Абдулах Џевдет. Комитетот во наредниот период се издигнал до политичка партија која всушност и била еден од факторите во организирањето на Младотурската револуција. Умира во Романија во 1939 година.